Недоволната соработка на странските инвеститори со домашните компании и недостигот на квалификуван кадар остануваат клучни предизвици за развој на техничко-индустриските зони во земјава, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев пред почетокот на денешниот Европски самит на слободни зони што се одржува во Скопје.
Зоните, според Анѓушев, направија голем исчекор во развој на нашата индустрија, но има уште многу простор да се работи на ова поле.
– Како економијата да биде повеќе поттикната од странските инвестиции и соработката со домашните компании да биде поголема, но и како да привлечеме компании што носат повисок технолошки развој, даваат повисоки плати и вработуваат високообразуван кадар, е клучниот предизвик. Простор за напредок има во делот на компаниите фокусирани на готови производи што одлучуваат од кого ќе купуваат компоненти. И тука нашите фирми треба да ја искористат можноста. Но, пречка има кај оние кои се во средината на синџирот на снабдување, а одлучуваат да направат некакви измени во програмата, па треба да бараат дозвола од крајниот корисник – истакна вицепремиерот.
Тој смета дека со раздвижувањето на индустријата, што, како што рече, е евидентно и со позитивните трендови во градежништвото, земјоделството и трговијата, може да се очекува растот на БДП да биде значително над планираниот.
Во однос на немањето доволно квалификуван кадар, Анѓушев потсети дека годинава Владата одвои над 20 милиони евра наменети за преквалификација на невработените лица.
– Структурата на невработените кај нас во моментов не дозволува тие веднаш да бидат вклучени во индустријата поради што е нужен процес на преквалификација, подвлече Анѓушев.
Се осврна и на поволностите што ги нуди земјава за странските, но и за домашните инвеститори, потенцирајќи дека сега условите се изедначени.
– Индустриските зони направија голем исчекор во развојот на индустријата и затоа Владата реши да ги поддржи, но на поинаков, транспарентен начин. Со закон понуди еднакви услови за домашните и странските вложувачи – нагласи Анѓушев.
Во обраќањето пред присутните претседателот на Светската организација на слободни зони Мохамед Ал Зарони, ја пофали Дирекцијата на трговско индустирските развојни зони во земјава. Рече дека нуди максимално поедноставени административни процедури што е клучно за инвеститорите и ја квалификува како извонреден пример за визија и оперативност.
Дирекцијата на ТИРЗ во Скопје е пример за ефикасност и со тоа оваа институција ја прави земјата многу поатрактивна како дестинација за инвестирање што секако значи огромна предност, истакна Ал Зарони.
– Во земјава засега има сепак 15 слободни зони од кои осум се целосно оперативни. Само лани 19 компании потпишаа договори за градба на фабрики и од нив веќе ги реализираат своите планови за инвестиции – рече Анѓушев.
На Европскиот самит на слободни зони во Скопје учествуваат претставници од повеќе земји, а теми на кои во претстојните панел дискусии ќе стане збор се државната помош за инвеститорите, незаконската трговија и нејзиното влијание врз зоните,…Пред официјалниот почеток беше прикажано и видео за развојот на слободните зони во земјава во изминатите 20 години.
Фото: МИА