„Човек перница“ в сабота премиерно во Драмски театар

386

Претставата „Човек перница“ што е правена по истоимениот текст од Мартин Мекдона ќе биде премиерно прикажана на 4 Мај, в сабота, во Драмски театар-Скопје.

Режисерот на претставата Јане Спасиќ на денешната прес-конференција вели дека текстот е еден од најинтересни и возбудливи, но и најкомплексни текстови на Мекдона во кои, како што вели, секогаш има одлични актерски улоги, како и одличен тек на настаните. Спасиќ откри дека се работи за трилер во кој писателот и неговиот брат се приведени и во кој се истражува убиството на неколку деца и поврзаноста на приказните на писателот со начинот на кој се убиени тие деца.

– Претставата се занимава со тоа колку различните наративи секој од поединецот ги разбира и како ги толкува врз база на тоа што му се случува во животот. Семејното насилство што го има во текстот е еден инструмент и двигател на приказната и на наративот. Тоа се замки што се поставени да ја држи публиката заинтересирана и едноставно претставата нуди „добро возење“, добра забава преку која се отвораат тие приказни и биографии на сите ликови и нивните болки. Секој од нас и публиката ќе има различно толкување за претставата – вели Спасиќ.

Додаде дека жанровски, овој текст би го дефинирал како трилер, трагедија со примеси на комедија.

Авторската екипа ја сочинуваат Јане Спасиќ- режија, Марко Јанев- сценограф, Фросина Стојановска- асистент на сценографија, костимограф- Ирина Тошева, музика- Дарија Андовска, дизајн на светло- Владимир Димоски, превод на текст- Горјан Милошевски и Јане Спасиќ. Улогите ги толкуваат: Зоран Љутков, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Соња Стамболџиоска, Симона Димковска, Дамјан Цветановски, Анастасија Аневска и Михаил Стојановски.

Претставата овој месец ќе се игра на 11, 17 и 22-ри на мала сцена во Драмскиот театар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...