Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев по денешната средба со стопанствениците во Струмица рече дека цел на овие средби е да се поттикне вниманието на деловна заедница да ги користи сите механизми и алатки што им стојат на располагање за да можат да отворат нови производствени погони, да инвестираат во нови капацитети, да отворат нови работни места, да го зголемуваат бруто домашниот производ и секако да го зголемувата извозот.
Според Заев во Струмичкиот регион има развиена деловна заедница и верува дека со денешните информации кои ги споделиле со неа тие ќе можат да навлезат во нови деловни активности.
– Можностите кои државата ги нуди се огромни. Можностите кои се отвораат со интеграцијата во ЕУ и НАТО сé уште поогромни, фондовите од соседните земји кои ги отворија создаваат посебна можност за целата земја, а посебно за јужниот дел на државата заради грчките фондови, а источниот поради бугарските и верувам дека сето тоа ќе можат да го искористат граѓаните – рече Заев.
Додаде дека овој регион, кој покрива повеќе од 150 илјади жители има огормна можност да даде силен придонес во вкупниот развој на државата.
На средбата присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој истакна дека Владата оваа година како никогаш досега 47 отсто повеќе од минатата година, односно има издвоено 70 милиони евра за поддршка на економијата.
– Ја пренесовме пораката дека Владата ќе биде само пријател на стопанството, ќе прави економски амбиент за развој, ќе прави општ амбиент и политички и економски за развој на економијата и тоа е нашата цел, бидејќи по завршувањето на политичките процеси најважно е тоа да се материјализира во раст на економијата, најважно е да се материјализира во подобар живот на сите граѓани во нашата држава – рече вицепремиерот Анѓушев.
Додаде дека ги охрабруваат добрите бројки по вчерашната информација од Заводот за статистика дека растот на индустриското производство во првиот квартал во 2019 година во споредба со истиот период лани е 8,8 отсто што е рекорден раст во еден квартал во последните повеќе години. Тоа на Владата и давало основа да се очекува дека и растот на бруто домашен производ во првиот квартал ќе има значителни поместувања нагоре и рекордни бројки.
На средбата присуствуваа голем број стопанственици од регионот, кои поставија повеќе прашања до премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев, како и до градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.