Главното обвинителство во Истанбул почна 32 одвоени истраги поврзани со жалби за нерегуларности на локалните избори на 31 март во Малтепе, Аташехир и Кадикој, пишува весникот „Сабах“ цитирајќи извештај на агенцијата Анадолија.
Некои од жалбите за неправилности за време на пребројувањето и процесите за внесување на податоци се поднесени од страна на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).
Обвинителството бара соодветните избирачки комисии да обезбедат податоци за бројот на гласовите и информации за идентитетот на членовите на избирачките комисии за време на работата со избирачките ливчиња. Обвинителството повика да сведочат како осомничени повеќе од 100 лица, вклучувајќи претседатели на комисии, членови и персонал за внесување на податоци.
Најмалку 10 осомничени беа повикани да сведочат во истрагата за нарушување и обвиненија поврзани со прекршување на Изборниот закон.
На локалните избори на 31 март во Истанбул, кандидатот на Републиканската народна партија Екрем Имамоглу доби мандат со разлика од 13.729 гласови. Тоа беше проследено со долги дискусии и приговори од страна на партии кои побараа повторно преиспитување на изборите поради нерегуларности и кршење на законите. АКП пред две недели поднесе вонреден приговор пред Врховниот изборен совет за откажување и прегласување на изборите во Истанбул.