Почнува 14. фестивал на новиот германски филм

152

Со проекција на комедијата „100 работи” во киното „Милениум“, денеска почнува 14. Фестивал на Новиот германски филм.

Драма, трагикомедија и комедија, семеен, детски и документарен филм, серија кратки филмови, како и предавања и работилници со студентите по филмска уметност, ќе понуди годинашното издание на Фестивалот.

-Филмовите се грижливо избрани со цел да задоволат многу вкусови, а некои од нив се навистина ексклузивни со постигнат огромен успех на филмските фестивали. Еден од филмовите беше и во конкуренција за наградата „Златна мечка” на престижното Берлинале, велат организаторите.

Од утре до 6 мај во кино „Фросина“ ќе бидат прикажани „Жешко столче”, „Надвор од системот”, „Во време кога светлината згаснува”, „Исход на вистината”, „Стикс”, „Среќата е за слабаци”, „Љубопитниот Тоби и тајната на нашата планета”, „Тим Талер или момчето што ја продаде својата насмевка” и „Помош ги смалив родителите”.

Фестивалот ќе патува и во кино салите на Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Радовиш, Штип, Тетово и Битола.

На Фестивалот гости ќе бидат директорот на Берлинскиот фестивал за кратки филмови „Интерфилм“, Хајнц Херманс и и филмската монтажерка од Берлин, Алета вон Фитингхоф. Тие ќе се сретнат со сите заинтересирани филмски работници во земјата, а ќе ги одржат и работилниците со студентите по филмска уметност. На отворањето на фестивалот, ќе се претстават пред публиката, а обраќање ќе има и амбасадорот на  Германија, Томас Герберих

Фестивалот на Новиот германски филм се организира со поддршка на Германската амбасада.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...