Согласно Законот за трговија, денес, останатите празници, но и во неделите голем дел од трговските објекти работат. За да се спречи ваквиот нееднаков третман ЛДП подготвува измени на Законот за трговија, кој ќе обезбеди неделите и празниците да бидат неработни за сите вработени во трговијата на мало, како што се продавниците, дуќаните и големите трговски центри, но и за вработените во трговијата на големо, соопшти пратеничка Јулијана Николова на денешната прес-конференција.
Измените што ги предлагаат, според неа, ќе придонесат за подобрување на условите за работа во приватниот сектор, за сметка на атрактивноста на државната администрација.
– Нa овој начин ќе се зголеми продуктивноста на работниците, ќе се намалат обврските и трошоците на работодавачите, но и ќе се оневозможи нелојалната конкуренција. Предлогот доаѓа од Форумот на жени на ЛДП, бидејќи морам да нагласам дека, најголем дел од вработените во трговија се жени, за кои, со оглед на семејните обврски, слободната недела и празниците се од исклучително значење – рече Николова.
Со оваа предлог измена, посочи таа, се следи трендот на развиените европски земји, кои одат чекор подалеку и гарантираат соодветна рамнотежа помеѓу работните обврски и семејството.
– Овој принцип веќе го имаат воведено Германија, Австрија, Швајцарија и многу други земји членки на Европската Унија – рече пратеничката.
Законските измени наскоро ќе ги достават во собраниска процедура и очекуваат пратениците и од власта и од опозицијата да ги поддржат.