Два документарни филма за браќата Манаки во Кинотека

228

Во Кинотеката вечер ќе бидат прикажани два филма за браќата Манаки – од 18 часот е документарниот филм „Манаки – приказна во слики“ од 2018 година во режија на Роберт Јанкулоски, кој заедно со Илинденка Петрушева е автор и на сценариото, а од 20 часот – романскиот документарен филм „Студија на случај: Браќа Манаки“ на режисерката Елиза Здру.

Филмот на Јанкулоски ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините браќата Манаки се митологизирани, а додавањето нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија туку и во поширокиот балкански контекст.

– Од оваа причина, секој факт и мислење презентирани во филмот „Манаки – приказна во слики“ се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работа од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки – наведува Кинотеката.

Идејата на романската авторка Елиза Здру да направи документарец како „Студија на случај: Браќа Манаки“, пак, се родила на многу интересен начин. Елиза пронашла стара фотографија од своите предци од 20-тите години на минатиот век, која, иако немала потпис, многу потсетувала на стилот на браќата Манаки. Истражувањето околу семејната фотографија постепено се испреплетувало со приказната за животот и делото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, а Елиза документарецот, освен во Романија, го снимала и во Грција, Бугарија и во Македонија.

Дел од документарецот го снимала на улиците на Битола, а во 2017 година нејзиниот филм беше прикажан на фестивалот  „Браќа Манаки“. Говорејќи за искуството од снимањето на филмот, Здру истакнува дека во Романија, Грција, Бугарија и во Македонија, каде што истражувала и го реализирала документарецот, слушнала дека браќата Манаки си припаѓаат единствено сами на себе, тие се пионери на кинематографијата на овие простори.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...