Тахири: Самитот во Берлин стави крај на идејата за промена на границите

333

Поранешниот косовски главен преговарач во разговорите со Србија, Едита Тахири, оцени дека самитот во Берлин ставил крај на идејата за промена на границите меѓу Косово и Србија.

За тиранската телевизија Ора њуз, Тахири рече дека албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи се губитници кои правеле историски грешки.

– Овој самит стави крај на историските грешки на Тачи и Рама и не направи победници нас кои бевме против промена на границите, особено мене ме става на позиција на победник. Јас како главен преговарач седум години го спречував секој обид на Србија да зборува за територии. Создадов процес на добрососедство и интеграција на северот на Косово. Денес Тачи и Рама сфатија дека се губитници и се лидери кои историски грешеле – изјави Тахири.

Според неа, Косово и Србија треба да го следат германско-францускиот модел за решавање на недоразбирањата.

– Самитот во Берлин има историско значење, бидејќи нештата ги насочи во процес на дијалог, кој пак тргна погрешно, кој се движеше во правец на промена на границите. Овој самит, кој ја изразува германската позиција против промена на границите, значи го спречува овој процес што ќе беше штетен и го насочи во вистинската насока за двете држави, Косово и Србија, кои треба да го следат германско-францускиот модел, што е инспиративен пример, како две земји кои биле во војна и ги надминале недоразбирањата меѓу нив – смета Тахири.

Посочи дека таа е во контакт со германските власти и оти Меркел е нервозна поради фактот што се уште има „кратковидни лидери кои се обидуваат да ги допрат границите, да го вратат времето, да ги вратат старите непријателства и предизвикаат нови војни“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...