Еден милион долари нуди Колумбија за поранешен лидер на револуционери

65

Колумбиската Влада понуди награда од еден милион долари за информации за поранешниот лидер на герилската организација Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК).

Полицијата трага по Ернан Дари Веласкес, обвинет дека не го почитувал мировниот договор постигнат во 2016 година.

Наградата ја понуди колумбиското Министерство за одбрана еден ден откако судот побара апсење на Веласкес поради наводни злосторства извршени за време на вооружениот конфликт во земјата.

Трагата на Веласкес се губи во јуни 2018 година откако тој како обвинет не се појави на три сослушувања во рамките на истрагата за злосторствата на ФАРК.

Со договорот што герилците го потпишаа во 2016 година со Владата на претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, по четири години преговори, заврши судирот што траеше 53 години. Околу 7.000 борци на ФАРК го предадоа оружјето под патронат на Обединети нации.

ФАРК беше марксистичко-ленинистичка организација, формирана како вооружено крило на Комунистичката партија која војуваше против колумбиските власти од 1964 година, а главни цели и беа поголеми права на селаните и борба против империјализмот.

Во текот на повеќедеценискиот судир во Колумбија загинаа 260.000 луѓе, околу 60.000 се водат како исчезнати, а над седум милиони ги напуштија своите домови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...