Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека нема големи очекувања од претстојниот состанок на лидерите на Западен Балкан во Берлин, на кој ќе учествуваат претставници од Приштина, додавајќи дека на овој собир Србија треба да покаже дека е стабилен и сигурен партнер посветена и подготвена за дијалог.
Брнабиќ за Блиц кажа дека претставниците на Србија на собирот ќе испратат порака дека се подготвени да го продолжат дијалогот со Приштина веднаш по укинувањето на увозните такси од 100 отсто.
– Верувам дека ќе има притисоци, но тоа е составен дел од политиката. Денес Србија е поинаква земја од пред седум години и нашите партнери го знаат тоа. Верувам дека ќе имаме добар дијалог во Берлин, а дали ќе има конкретни резултати, тоа не го знам – кажа Брнабиќ.
И Шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ во интервјуто за руската РТ изјави дека овој состанок не е продолжеток на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
– Целта на состанокот е да се разговара за сите проблеми на Балканот, а не да се продолжат преговорите меѓу Белград и Приштина. Ова не е главна тема. Ние сигурно нема да се согласиме со нови преговори меѓу Белград и Приштина во Брисел, додека таксите не се укинат (за српски стоки). Србија е цврста по ова прашање и тука нема дилеми. Ако некој мисли дека Србија е слаба, се лаже – изјави Дачиќ.
Тој додаде дека не го дели ентузијазмот на косовскиот претседател Хашим Тачи дека договорот помеѓу Белград и Приштина може да се постигне и покрај сите тешкотии.
– Кога Албанците бараат договор, мислат дека треба да го признаеме Косово. Тие не признаваат ниеден друг договор … Нема дијалог додека не се укинат таксите, па затоа не го споделувам неговиот (Тачи) ентузијазам. Едно е сигурно – Србија никогаш нема да го признае Косово … Ние сме подготвени за договор, подготвени сме за компромис – рече Дачиќ.
На иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, лидерите на Западен Балкан ќе се состанат на 29-ти април во Берлин, меѓу кои и водачите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.