Свечено доделување на дипломи денеска во Стопанската комора на Северна Македонија организираше Министерството за образование и наука (МОН) и Центарот за стручно образование и обука на учениците и ментори победници на натпреварот „Лидер на струка“.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, појасни дека овој натпревар од година во година станува се поинтересен и атрактивен за учениците од стручните училишта во земјата.
– Ова е натпревар во кој учениците ги применуваат стекнатите знаења за време на образовниот процес, а во рамки на струката со која одлучиле да се занимаваат. Годинешните победници се најдобрите меѓу 147 пријавени ученици во 23 образовни профили од девет струки. Тие се натпреваруваат со свои соученици и другари и докажаа дека стекнатото знаење на часовите и практична обука како и мотивот да се биде подобар од другите се од огромно значење и клучен фактор за постигнување на успех, рече Адеми.
Додаде дека изборот на најдобар ученик во струката е направен според постигнатиот успех по реализираните активности од овој натпревар.
– Преку натпреварот се рангираат знаењата на учениците по стручните предмети и практична настава во рамките на образовен профил од техничкото и стручното образование, согласно правилникот за избор на најдобар ученик по струката од завршните години во стручното образование во земјата. Министерството за образование и наука ги поддржува ученичките активности што придонесуваат за унапредување на знаењата на учениците и го поттикнува натпреварувачкиот дух на младите. Овој натпревар е само уште еден показател дека државата има навистина многу талентирани ученици кои ги креираат промените во општеството и придвижуваат општествено економски процеси – додаде Адеми.
Тој посочи дека на учениците лидери и на нивните наставници, покрај признание, Министерството за образование и наука ќе им додели и парична награда во висина од 50 отсто од износот на просечната нето плата во државата.