Путин: Како што вели корејската мудрост – ако се придружиме на нашите сили, камен може да се помести

163
ФОТО: EPA / ALEXANDER ZEMLIANICHENKO / POOL

Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека разговорот во четири очи со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Владивосток бил темелен.

Како што нагласи Путин, со Ким разговарале за билатералните односи, актуелната состојба и перспективите на нивниот развој.

– Разговаравме за состојбата на Корејскиот Полуостров и разменивме мислења за мерките што треба да се преземат за да се подобри таа состојба – рече Путин.

Ким изјави дека неговиот дијалог со рускиот претседател Владимир Путин бил конструктивен и оти и натаму ќе продолжи така.

– Се надевам дека нашите преговори ќе продолжат во иста насока, како плодни и конструктивни – нагласи Ким.

Средбата Ким-Путин траеше околу два часа, двојно повеќе од предвидените 50 минути.

По средбата, рускиот претседател приреди прием во чест на севернокорејскиот лидер.

На приемот Путин рече дека „нема алтернатива на мирните средства за решавање на нуклеарното прашање на Корејскиот полуостров“.

– Сметаме дека не постои и не може да постои алтернатива на мирното решавање на нуклеарното и другите прашања во регионот – рече Путин.

Тој порача дека Русија е подготвена да ја продолжи соработката за да се намали напнатоста на полуостровот и да се зголеми безбедноста во североисточна Азија.

– Како што вели корејската мудрост – ако се придружиме на нашите сили, камен може да се помести. Со активно учество на меѓународната заедница и сите заинтересирани земји, дефинитивно ќе ја оствариме нашата цел да обезбедиме траен мир, стабилност и просперитет на корејскиот полуостров – рече Путин.

Состанок одржаа и делегациите на двете држави, во Сојузниот универзитет во Владивосток.

Ова е прва посета на Ким на Русија и негова прва средба со Путин.

ФОТО: EPA / ALEXANDER ZEMLIANICHENKO / POOL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...