Европската Унија ги осуди егзекуциите на триесет и седум лица кои се случија вчера во исто време ширум Саудиска Арабија.
Во текот на вчерашниот ден, триесет и седум мажи, осудени на смрт поради присвојување „терористички идеологии“ и „формирање терористички ќелии“ беа егзекутирани на свиреп начин, вклучително и распнување за еден од нив. Ова е најмасовната групна егзекуција во земјата од јануари 2016 година.
Европската Унија денеска најостро го осуди овој чин и истакна дека тој буди сомнеж дека жртвите не добиле фер судење.
– Егзекуцијата на лица кои биле малолетни кога било сторено наводното кривично дело претставува дополнително нарушување на правните стандарди. Притоа, идентитетот на повеќето егзекутирани и сомнежот за сериозноста на делата за некои од нив може потенцијално да поттикне секташки тензии кои веќе доминираат во регионот – стои во соопштението на Европската служба за надворешни работи.
Европската Унија, како и секогаш во овие случаи, потсетува дека едногласно се противи на смртната казна, во сите случаи и без никаков исклучок.