Речиси половина од сите фотографии и филмови со детска порнографија се наоѓаат на сервери во Холандија, соопшти денеска британската организација Интернет воч фаундејшн, која се занимава со откривање и борба против злоупотреба на деца.
Во годишниот извештај на таа организација се посочува дека 48.900 интернет адреси на кои се наоѓаат фотографии и филмови со сексуална злоупотреба на деца се поврзани со сервери во Холандија, што претставува дури 46,5 отсто од вкупно 105.000 адреси откриени во 2018 година. Зад Холандија се САД (12,2 отсто), Русија (11,3 отсто), Словачка (10,5 отсто) и Франција (6,3 отсто).
Во повеќе од три четвртини од случаите на онлајн порнографија, жртви на сексуална злоупотреба се девојчиња. Најлош облик на злоупотреба е сексуално насилство на возрасно лице над дете на старост до две години.
Во својот извештај Интернет воч фаундејшн не го објаснува тоа што речиси половина од серверите за детска порнографија се во Холандија.
ФОТО: МИА