Масакрот на Шри Ланка е одмазда за Крајстчрч, оценуваат локалните власти

176
Photo: EPA / M.A. PUSHPA KUMARA

Првичната истрага за смртоносните напади на Шри Ланка, во кои загинаа над 310 лица, покажува дека станува збор за одмазда за Крајстчрч, изјави заменик-министерот за одбрана Руван Виџевардене.

– Првичните резултати покажуваат дека она што се случи на Шри Ланка е одговор на нападите против муслиманите во Крајстчрч – изјави пред парламентот Виџевардене.

На 15 март во Крајстчрч на Нов Зеланд во напад на две џамии беа убиени 50 муслимански верници.

Во неделата, на католички Велигден, на Шри Ланка избувнаа серија експлозии. Првите шест експлозии беа во три цркви и три хотели , седмиот во западниот дел на островот, а осмиот во станбен комплекс во Коломбо. Според локалните медиуми нападите ги изведоа бомбаши-самоубијци.

Бројот на загинати во бомбашките напади во Шри Ланка во неделата се зголеми на 321, а повеќе од 520 се повредени, изјави министерот за комуникации и масмедиуми, Руван Вијеварден.

Властите во Шри Ланка досега уапсија 40 лица.

Во Шри Ланка денеска е Ден на национална жалост. Земјата е во вонредна состојба, а целата нација денот го почна со триминутно молчење за да оддаде почит на загинатите.

Националните знамиња се на половина копје, продавниците за алкохол се затворени, а радијата и телевизиите ќе емитуваат само сериозна музика.

Форензичкиот тим на Владата на Шри Ланка соопшти дека седум бомбаши самоубијци извршија шест симултани напади врз три цркви и три луксузни хотели во и околината на Коломбо на Велигден.

Photo: EPA / M.A. PUSHPA KUMARA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...