Албанската Демократската партија се распаѓа

Ова е прв голем раскол во редовите на Демократската партија откако нејзин лидер е Љуљзим Баша, кој и ја внесе Рудина Хајдари во политиката во знак на почит кон нејзиниот татко.

651

Речиси три децении откако нејзиниот татко, Азем Хајдари беше еден од основачите на Демократска партија на Албанија, Рудина Хајдари одлучи да ја напушти партијата и да формира нова, која ќе биде регистрирана на почетокот на следната недела и ќе се вика Демократско убедување.

Хајдари, која е координаторка на новоформираната Група на пратениците од Демократската партија, кои ги пополнија местата во Парламентот на нивните сопартијци кои се откажаа од пратеничките мандати, соопшти дека новата партија ќе ја регистрира во судскиот регистар во вторник.

Истиот ден, партијата Демократско убедување ќе се пријави во Централната изборна комисија за учество на локалните избори закажани за 30 јуни.

Крајниот рок за пријавување за учество на изборите изминува утре, 21 април, но поради тоа што се паѓа во недела, а понеделникот поради празникот Велигден е неработен ден во Албанија, тој рок е продолжен за два дена.

Членови на новата партија ќе бидат и припадници на т.н. „стара гарда” на Демократската партија, кои поради разни причини се исклучени од нејзините редови. Еден од нив е Астрит Патози, долгогодишен втор човек на партијата и координатор на пратеничката група на ПД во три пратенички мандати.

Ова е прв голем раскол во редовите на Демократската партија откако нејзин лидер е Љуљзим Баша, кој и ја внесе Рудина Хајдари во политиката во знак на почит кон нејзиниот татко.

Отцепувања имаше и додека на чело на партијата беше Сали Бериша, кога ПД ја напушти Неритан Цека и ја формира Демократска алијанса, а потоа и Бамир Топи, кој ја создаде партијата Нов демократски дух.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...