Албанските воздухопловни сили ќе бидат дополнително модернизирани со хеликоптери Блек Хок, благодарение на поддршката на Министерството за одбрана на САД.
За време на нејзиниот престој во САД, министерката за одбрана Олта Џачка ја посети Националната гарда на Њу Џерси во заедничката база Мекгиер-Дикс-Лејкхерст, каде што беше примена од бригадниот генерал Џемал Џ. Бил,командант на базата.
Притоа, потпишан е билатерален договор меѓу Министерствата на двете земји за донација од неколку хеликоптери Блек Хок.
Министерката Џачка, го оцени ова како огромна помош дадена за Албанија.
-Поддршката што САД ја дава за Албанија не само што ги модернизира нашите капацитети, туку и ја зголемува подготвеноста и оперативноста на нашите воздухопловни сили, рече Џачка.
Ова лето, пилотите и техничарите на албанските воздухопловни сили ќе започнат со обука во Националната гарда на Њу Џерси, кои ќе ги управуваат и грижат за одржување на леталата.
Албанските вооружени сили на почетокот на месецов добија 37 блиндирани возила, донација од Владата на САД. Возилата се марка Интернешнал Макс Про МРАП – International Maxx Pro MRAP (Mine Resistant Ambush Protected) и ќе бидат искористени од структурите на албанските вооружени сили, кои се дел од колективната одбрана на НАТО.