Црногорската Влада донесе одлука да се повлечат двата најголеми брода од морнарицата на Армијата на Црна Гора – патролните бродови П-33 и П-34 и да се понудат на продажба, а парите да се пренаменат за купување ново оружје и опрема.
Одлуката е образложена со тврдење дека бродовите се „преголеми, прескапи и прекомплицирани за употреба во Морнарицата на АЦГ“, која нема ниту кадри кои би можеле да работат со нив, пренесува весникот „Вјести“.
Бродовите се направени кон крајот на 80-те години од минатиот век како столб на силните поморски сили на некогашната Југословенска воена морнарица.
Министерството за одбрана ќе изврши проценка и ќе ја одреди почетната цена на бродовите. Според весникот, бидејќи станува збор за употреблива воена техника, Министерството ќе го бара новиот сопственик на таканаречен доверлив тендер со ознака за тајност.
За овие два брода, кои се во добра техничка состојба, интерес покажале повеќе држави, меѓу кои Пакистан, Турција, Бангладеш и Израел.