Претседателството на БиХ одлучи да упати протесна нота до Хрватска во врска со шпионската афера „селфи“, која дел од медиумите од регионот на Западен Балкан и босанскиот министер за безбедност Драган Мектиќ ја поврзаа со хрватската Безбедносно разузнавачка служба – СОА.
Аферата „селфи“ е поттикната од тврдењата дека агенти на СОА се обиделе да регрутираат граѓани на Босна и Херцеговина поврзани со „радикални структури” за да подметнат оружје во џамиите и на тој начин да докажат оти се точни тврдењата на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ дека Босна и Херцеговина е упориште на илјадници потенцијални терористи.
Директорот на СОА, Даниел Маркиќ ги отфрли обвинувањата, но потврди дека хрватските разузнавачи спроведувале информативни разговори со некои граѓани на Босна и Херцеговина, поради „нивните врски со радикални исламистички структури”.
– Се разбира, СОА разговараше со тие лица, и натаму ќе разговара, бидејќи мораме да го правиме тоа заради нашата и безбедноста на нашите соседи, како и на Европската унија и НАТО – рече Маркиќ во март по избивањето на аферата.