Априлската програма на Кинотеката на Македонија утре ќе почне со циклусот „Уредник со причина“ кој ќе прикаже три филма по избор на режисерот Игор Иванов-Изи.
За прикажување и дискусија Иванов-Изи ги избра: „Соништата што се купуваат со пари“ во режија на Ханс Рихтер (1 април), „Бери Линдон“ на Стенли Кјубрик (2 април) и „Убавицата на денот“ во режија на Луис Буњуел (3 април). Филмовите утре и задутре ќе бидат прикажани од 20 часот, а во вторник од 21.30 часот.
Во филмската програма „Уредник со причина“ се прикажуваат филмови избрани од јавна личност. Од воведувањето на циклусот уредници со причина беа Влатко Стефановски (февруари) и Васко Атанасовски (март).
Кинотеката овој месец го почнува и циклусот „Гостин со причина“ и од 3 до 5 април ќе биде домаќин на Лордан Зафрановиќ и на четири филмови на хрватскиот режисер. Прв филм од новиот циклус ќе биде неговиот „Окупација во 26 слики“ од 1978 кој ќе биде прикажан на 3 април од 19 часот.
На 4 април ќе бидат прикажани два филма на Зафрановиќ – „Недела“ (1969) од 18 часот и „Падот на Италија“ (1981) од 20 часот. На 5 април ќе биде прикажан и „Вечерни ѕвона“ снимен во 1986. Пред проекцијата на овој филм во Кинотека ќе има разговор со Зафрановиќ кој ќе го води проф. д-р Наум Пановски.