Шефот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников предупреди дека меѓународни терористички ќелии се преместуваат од Блискиот Исток кон Европа, Централна и Југоисточна Азија.
– И покрај претрпените порази, меѓународните терористички организации претставуваат закана за повеќето земји во светот – истакна Бортников на конференцијата за борба против меѓународниот тероризам во Санкт Петербург.
Бортников истакна дека тероризмот стана многу профитабилен бизнис и дека разновидни финансиски механизми им даваат на терористите дополнителна шанса за опстанок.
Тој предупреди дека Исламската држава и Ал Каеда и понатаму претставуваат сериозна закана и дека во моментов создаваат мрежа на терористички ќелии.
Меѓусебно поврзаните и автономни ќелии се преместуваат од Блискиот Исток во Европа, Централна и Југоисточна Азија, истакна Бортников.
Тој потсети дека минатата година во светот биле извршени 683 терористички напади, во кои биле убиени 4.700 луѓе, а повеќе од 7.000 повредени.
Бортников понуди спроведување низа мерки под покровителство на Обединетите нации, вклучително и консолидација на напорите, организација и размена на податоци и спречување на финансирање на терористички групи.