Деталите од објавениот извештај на специјалниот обвинител Роберт Малер од истрагата за наводното мешање на Русија во изборите во САД во 2016 година, откриваат повеќе интригантни моменти за обидите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја поткопа истрагата, за да биде ослободен од одговорност.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, извештајот за истрагата, што траеше 22 месеци, е на 400 страници и беше објавен денеска.
Во него се наведува дека Малер не успеал да открие „опструкција на правдата“, бидејќи „функционерите на должност не ги проследиле наредбите на Трамп“ и затоа што истрагата не го сослушала лично претседателот „оти тоа можело да го развлече рокот за нејзино спроведување“.
Специјалниот обвинител не донел заклучок за опструкција, бидејќи Малер не можел да заклучи дека не постоело нарушување на законот од страна на Трамп, но „постои можност Конгресот да донесе таков заклучок“.
Конкретно, претседателот се обидел да ја попречи истрагата преку својот соработник Кори Левандовски. Од извештајот се дознава дека на 19 јуни 2017 година, Трамп во Белата куќа се сретнал со Левандовски и му предал информација за тогашниот државен обвинител Џеф Сешнс.
Во пораката Трамп побарал Сешнс да излезе со изјава дека „истрагата била незаконска“. Сепак, Левандовски не ја предал таа порака до државниот обвинител, туку до чиновник од понизок ранг, кој „не се почувствувал сигурен и затоа не ја предал пораката“.
Понатаму, од документот се дознава и дека во јуни 2017 година Трамп се обратил до поранешниот адвокат на Белата куќа, Дон Макган и му наложил да се поврзе со државниот обвинител и да му пренесе дека Малер „ја злоупотребува службената положба и треба да биде отпуштен“. Адвокатот, сепак, одбил да го стори тоа. – Подобро ќе поднесам оставка, отколку да испровоцирам „колеж во саботната ноќ“, изјавил Макган.
Кога Малер бил назначен за специјален обвинител и советник на министерот за правда со задача да ја истражи вмешаноста на Русија во изборите во 2016 година и за можен заговор на штабот на Трамп, претседателот рекол: „ова е крај на моето претседателство“.