Не е сосема во право кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова, кога вели дека на премиерот не му е местото во изборната кампања, затоа што тој мора да ја претставува државата и „претпладне не смее да биде држава, а попладне партија“.
Мислам дека не постои законска пречка Зоран Заев, министрите и државните функционери да учествуваат во кампањата во својство на приватни лица и партиски функционери, ако притоа не користат дел од своето работно време и државни ресурси (автомобили, обезбедување и слично), она што ние го „покриваме“, ние граѓаните во својство на даночни обврзници.
Во таа смисла, велам, Силјановска-Давкова не е во право. Но… Има, сепак, тука едно големо „но“.
Ова се претседателски избори, на кои и двајцата кандидати, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, се промовираа како „натпариски“. Од тој аспект, навистина пречи доминацијата и на владините функционери и на партиските функционери и од власта и од опозицијата, а особено на двајцата партиски лидери, Заев и Христијан Мицкоски, во кампањата.
Сосема обратно, јас би сакал на политичката сцена да видам апсолутна доминација на кандидатите, за да може јавноста да ги оцени и секој од избирачите да донесе свој суд и да се определи дали ќе гласа и за кого. Велат дека тоа веќе е речиси решено (безмалку секој избирач веќе одлучил за што ќе се определи), но дури и во таков случај, подобро е многу повеќе да ги гледаме и слушаме кандидатите одошто партиските лидери.
Претераното присуство на владините функционери и на партиските асови во кампањата не зборува добро за нив. Очигледно е дека и власта и опозицијата се обидуваат да се консолидираат и да ја искористат кампањата за да ги надминат сопствените слабости во досегашното дејствување. А кога тоа се прави толку видливо и настојчиво, тоа, богами, укажува и на извесна паника.
Зошто? Тоа веќе е тема за анализа по изборите…