Најмалку еден ден поминуваат на граничниот премин Табановце транспортерите кои носат производи од органско потекло, а околу три часа им е потребно да ја минат границата со производите кои во себе содржат растителни состојки. Времето минато на границата со Србија се зголемува за нив, ако ја минуваат за викенд. Тогаш на српска страна не работи фитосанитарната и ветеринарната контрола. На Ќафасан, пак, нема постојано лице за овој вид контрола, при што е потребна претходна најава.
Ова е само дел од она што го утврдиле екипите на Стопанската комора кои пред два дена вршеа мониторинг на граничните премини Ќафасан кон Албанија и Табановце кон Србија.
Од Комората бараат државите од регионот преку потпишување билетерални договори да овозможат заедничка контрола на граничните премини.
– Спроведувањето на заедничка контрола од страна на органите од двете држави ќе овозможи на едно место во исто време, на заедничка локација со помалку ресурси на државните администрации, преку едно застанување на стоките, побрзо да поминуваат на граничните премини – појасни денеска на прес конференција оперативниот директор на Стопанската комора, Анета Трајковска.
Последен рок до кој би требало да се применува ваквиот начин на минување на граничните премини, според Комората, би бил 1 октомври.
Транспортерите, според мониторингот, на Ќафасан за излез просечно се задржуваат 13 минути за проверка од полициските екипи, а царинската контрола им одзема само две минути. За влез во земјава, пак, целата проверка од страна на цариниците и полицијата во просек минува за 23 минути.
– На другата страна, според изјави на транспортерите, се трошат по 40 минути. Застој на овој граничен премин се прави при скенирањето на возилата, бидејќи албанските цариници чекаат одреден број возила за скенирање – вели Трајковска.
На Табановце, пак, каде што просечно поминуваат и повеќе возила времето за минување на границата на македонска страна за излез во просек изнесува 40 минути.
Чекањето на граничен премин се зголемува за најмалку уште 60 минути ако транспортерот одлучи стоката да се царини на граничен терминал.
– Царинењето зависи каде се изведува, ако е на царински терминал времетраењето на постапката зависи од видот на стоката. Просечно се трошат по 60 минути. Ако е потребна фитосанитарна контрола таа трае во просек три часа, а за ветеринарна контрола може да се чека и до 9 дена – вели Трајковска.
Долгото чекање на граница, велат од Комората, ја намалува вредноста на стоките до еден отсто, а кај земјоделските производи и до седум отсто.
Анализа за тоа колку транспортерите трошат време на граничен премин, пред некоја година направила и Светска банка, информираа од Комората. Нејзините заклучоци се дека транспортерите губат 80 отсто од времето чекајќи на граничните премини, а останатите 20 отсто од времето го минуваат на патиштата.
За „One stop shop“ интегрирано управување на границата меѓу земјава и соседна Србија лани во септември разговараа премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Заедничките контроли на надлежните служби на Македонија и на Србија, според планираното, треба да бидат воспоставени на граничните премини Табановце-Прешево, Пелинце-Прохор Пчински и железничкиот граничен премин на Табановце.
Тогаш беше речено дека товарниот сообраќај со примена на интегрираното управување на граничниот премин би се забрезал за 10 пати, додека прометот на патници би се забрзал за 5 пати.
Од Владата најавија дека годинава ќе биде договорено и воспоставување на ваков систем и со Албанија.