„Скомраси Апсурдистански“ – трет соло-проект на Горан Трајкоски

85

Дванаесет песни со оригинална музика на Горан Трајкоски, создадени за филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, содржи албумот „Скомраси Апсурдистански“, во издание на „Пасворд продукција“ и ќе биде промовиран в сабота.

Тоа е трет соло-проект на Трајкоски, кој зад себе има и 12 изданија со други музичари и бендови. Трајкоски е композитор на театарска и филмска музика, но и инструменталист, вокален интерпретатор, основач и композитор во рок-групите „Падот на Византија“ и „Анастасија“, како и соработник на неколку дискографски изданија и бројни јавни настапи со повеќе групи и музичари меѓу кои: „Мизар“, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александер Вељанов, „Deine Lakaien“, „Mooger Fooger“.

Трајкоски студирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а музички се образовал во училиштето на Пеце Атанасовски, како и преку соработка и менторство на врвните  уметници на македонскиот фолклор: Вања Лазарова и Никола Цветковски. Под менторство на отец Владимир и отец Стефан Санџакоски, како и при престоите во духовните манастирски центри во земјава и регионов го совладал и традиционалното источно и македонско црковно пеење.

Компонирањето театарска и филмска музика го почнал во 1989 година за претставата „Емигранти“ во режија на Владе Цветановски.  Оттогаш компонирал музика за повеќе од сто претстави  и филмови во и надвор од државата, а денес работи како композитор во Македонскиот народен театар.

Дел од песните од новиот албум на промоцијата на 20 април од 19 часот во просториите на „Пасворд продукција“ ќе бидат изведени во живо, а со Горан Трајковски ќе свират Петар Христов, Ана Митоска, Мите Димовски, Игор Василев, Благоја Неделковски и Сеад-Сецко Хаџиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...