Ставање крај на исплаќање плати во два дела – кеш и на трансакциска сметка и утврдување плата која ќе биде достојна за трудот и примамлива за граѓаните полесно да се определат да работат во приватен сектор, најави вчера премиерот Зоран Заев.
Тој најави дека се изнаоѓаат механизми како тоа да се постигне на најквалитетен начин, но не определи време кога ќе биде донесено конечното решение.
Работодавачите и синдикатите се задоволни што конечно му дошло ред и на решавањето на ова прашање кое е причина за одлив на стручниот кадар од земјава и создавање нелојална конкуренција за работодавачите кои ги почитуваат законите.
Институциите, пак, велат дека веќе се работи на дефинирање на механизмите за спречување на појавата.
– Ќе се случат одредени промени во делот на севкупното давање на плата. Чесно кажувам овде дека еден дел од платите во државава се даваат во кеш. Тоа не смее да се дозволи. Не велам дека е незаконски. Има газди кои си плаќаат 11 отсто персонален данок, 11 отсто данок на добивка си го вадат кеш и го даваат на работниците како награда. И тоа им е дел од платата. Ќе направиме сега определени чекори, но со време, кога ќе дојде тоа, ќе соопштиме што ќе значат тие чекори, за да продуцираме да се даде чесно платата, бруто плата, како што треба за да биде таа доволно примамлива. Не само ние како држава што ќе правиме со тоа, туку за да имаме природен тек на примамливост. За да одам во приватна компанија во која ќе знам дека ќе имам повеќе плата, дека се почитува мојата работа, дека ќе бидам исполнет со таа работа, ќе си ја сакам и дека ќе можам да напредувам внатре и нема да бидам под политички притисок – рече Заев вчера во емисијата Клик плус на ТВ 21.
Синдикатите не се изненадени од согледувањето на потребата да се реши ова прашање, бидејќи, како што велат, со години укажуваат на сивата економија во која не се почитуваат правата на работниците, па во тие рамки и правото на плаќање придонеси и исплата на платите на трансакциска сметка.
– За поздравување е најавата дека ќе се разреши ова прашање, но поради комплексноста на проблематиката не смее да се премине преку економско-социјалниот дијалог каде што ќе се слушнат размислувањата на синдикатите, работодавачите и власта. Ние во Сојузот на синдикатите имаме добри предлог решенија кои ќе придонесат квалитетно да се реши и ова прашање и да не се дозволи понатамошен одлив на квалитетна работна сила поради непочитување на трудот и неговото вреднување – вели Павел Трендафилов од Сојузот на синдикатите.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи тврди дека исплатата на плата дел во кеш, а дел на трансакциска сметка се практикува кај фирми кои се обидуваат да ги изиграат законите што е неприфатливо за поголемиот број работодавачи кои ги почитуваат законите.
– Не штитиме никого кој се обидува да работи незаконски. Добро е сѐ што ќе се понуди како решение на овој проблем. Секоја идеја е драгоцена оти ако се остави вака прашањето оди на штета на оние кои работат законски – вели Димитров.
Според него, пред да се понуди конечно решение треба да се направи анализа од каде доаѓа тој кеш, но и да се почитуваат искуствата на решавање на проблемот во светски рамки.
– Во светот веќе никој не плаќа со кеш затоа е ставен крај на сивата економија. И кај нас со исфрлањето на кешот од плаќањето видно ќе се намали сивата економија. Едно од решенијата е и повратот на ДДВ кој се најавува за граѓаните да се дава само на сметки уплатени со картичка. Има и низа други работи кои ќе ги принудат работодавачите да не исплаќаат плата во кеш, оти работниците ќе нема како да го трошат тој дел – вели Димитров.
Од Министерството за труд и социјална политика потврдуваат дека се работи на дефинирање на механизмите за спречување на исплата на плата на работниците на црно и штом се дефинираат, јавноста ќе биде информирана.
– Владата во соработка со надлежните институции (Управа за јавни приходи, Министерство за финансии, трудовиот инспекторат и др.) ќе направи конкретни чекори граѓаните да ја добиваат целата плата на сметка и да се избегне исплата на црно – појаснија од Министерството.