Проект преку кој домашните компании ќе се поврзуваат со странските инвеститори во ТИРЗ, е договорен со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за време на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.
Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека ИФЦ дале согласност да го поддржат овој проект, што ќе донесе многукратни придобивки за домашните компании. Преку поврзување со странските компании, домашните фирми добиваат работа, можност за пласман на нови пазари, како и пренесување know-how.
За време на Пролетните средби, министерот за финансии посочи дека било зборувано за голем број проекти со меѓународните финансиски институции, како Светска банка, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и ИФЦ.
Наскоро Светска банка треба да ја одобри Рамката за соработка со Република Северна Македонија што ќе поддржи проекти во вредност од околу 420 милиони долари. Проектите се фокусираат на три области: подобрување на околината за конкурентен приватен сектор, зголемување на вештините и можностите кај најранливите, како и одржлив раст. Во рамки на овие проекти спаѓаат и некои инфраструктурни проекти што се најавени и веќе е започната постапка. Тука е Проектот за олеснување на трговија и транспорт на Западен Балкан, за кој законот е веќе подготвен и е во собраниска процедура. Исто така, тука е Проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта од 70 милиони евра. Од друга страна, во рамката има и повеќе проекти што се однесуваат на развој на човечкиот капитал, како проекти за модернизација на примарното образование и пензискиот систем, како и проекти од здравството.
Тевдовски најави и дека следната недела ќе бидат префрлени средства од евтините кредити на ЕИБ за малите и средни претпријатија.
– Следната недела ЕИБ ќе префрли 15 милиони евра – прва транша од вкупно 100 милиони евра, за евтини кредити за малите и средни претприја. Со нив ќе се финансираат 39 проекти, што значи нови инвестиции и нови работни места – рече Тевдовски.