Уметницата Гордана Винчиќ е родена во Скопје и откако памети за себе, најубаво се чувствува додека црта, но сепак, не се запишала на Факултетот за ликовни уметности, туку студирала Социјална работа и политика на универзитетот во Лунд, Шведска.
Задутре (18.април), со почеток во 20 часот, во галерија „Колектив“, лоцирана над ресторанот „Колектив“ на скопскиот плоштад, ќе биде отворена нејзината изложба „Емо Азбука“.
Ја прашавме дали оваа изложба значи дека дефинитивно се враќа во родниот град или е сė уште на релација Шведска-Македонија.
„Со една нога сум сė уште во Шведска, но некако срцето ми е овде. Сигурна сум дека наредните неколку години ќе бидам сė подолго во родниот град“, вели таа.
Иако е самоука уметница, како што вели, има работено учејќи и творејќи заедно со многумина познати и талентирани уметници: Игор Љубовчевски – Љубац и Синиша Кашавелски од Македонија и Борис Кошхелоков од Русија.
За поривот за сликање Гордана Винчиќ вели: „Цртањето го доживував како магија, но животот сакаше да дипломирам како социјален работник на универзитетот во Лунд. Да стекнам сė што е потребно во душата за да можам достојно и целосно да ѝ се предадам на уметноста во 2011. година. Инаку, и мојата мајка е уметник, а татко ми е археолог и уште од детството тие се најдлабокиот извор на знаење кое сė уште го користам во моето творење. Поривот за цртање секогаш ми доаѓа од страста да го изразам чувството или сознанието во визуелна форма и да го поттикнам набљудувачот да доживува и сознава“.
Што се однесува до изложбата во галеријата „Колектив“, целиот циклус „Емо азбука“ се нови дела кадешто секоја буква добила женски лик на цртеж.
На прашањето зошто го употребила терминот „емо“ кој понекогаш се поврзува и со особини како што се емотивност, чувствителност, срамежливост, повлеченост или очај, но исто така и со стереотипите како што се депресија, самоповредување и самоубиство, Гордана одговара:
„Емо го толкувам како раскошна кошница полна со палета на емоции во која го има сето она што го спомнувате. Секоја почетна буква претставена на цртежите, секој израз на лицата ќе го потсети или наведе гледачот на мисли и емоции. Жената како прв објект на идолизирање и архетип на сентименталноста е многупати присутна. Со задоволство користам архетипска симболика, потсвесно позната секому од нас. Повеќето од делата ги творам во духот на самодоверба, радост, храброст, но во раскошната кошница некогаш се соочувам и со помалку сакани емоции. Ќе ми пројдат низ духот, срцето ќе ги смекне, раката ќе ги забележи и окото ќе види дека и тоа не е најстрашното“.
За својата уметност и измените кои таа ги претрпела со текот на годините на творештво вели дека е интересно како тие промени во нејзиното творештво се блиску поврзани со нејзиниот личен и духовен развој.
„Понекогаш и во периоди творам и по 16 часа на ден, а понекогаш исто толку време посветувам на интроспектива. Секоја нова посета во музеј, галерија или средба со уметничко дело има влијание на мене и моите дела. Ниеден циклус не е ист, а сепак се забележува дека делата се од иста ‘мајка‘. Секако, искуството и работата носат со себе и посигурна линија на цртежот или платното“, вели таа.
За инспирацијата пак, односно, за прашањето што е најинспиративно за неа како уметник, средината во која живее, опкружувањето или нејзиниот внатрешен живот, нашата соговорничка објаснува: „Сите три се во некоја мерка присутни. Честопати патувам во нови земји и градови. Овие авантури некогаш се претвараат во патешествија со спонтани, несекојдневни и мистични дружби од кои имам неисцрпна инспирација“.
Досега, освен во Шведска и во Македонија, изложувала и во Франција, Англија, Русија, Бугарија, Србија, Турција. Задоволна е секогаш кога на изложбата ќе дојдат многу луѓе, а идеално е кога освен што ќе дојдат многу луѓе, ќе се продадат и многу дела.
Како критичар особено ја почитува историчарката на уметност, Виолета Калиќ, за која вели дека е критичарка без предрасуди и суета.
И на крајот, за соработката со галерија „Колектив“ и за изборот на овој простор кој не е класичен изложбен салон, Гордана Винчиќ вели:
„Стефани и Горазд од галерија „Колектив“ се талентирани млади уметници кои уште при првата средба ме импресионираа со својата несебичност и љубов кон уметноста. Додека ја поставувавме изложбата заедно со ликовниот уметник и куратор Игор Љубовчевски – Љубац, и во пракса го видов моето воспоставено чувство дека освен горенаведеното, двајцата се и флексибилни, работливи и добри уметнички души кои се борат уметноста да заживее во градот. Да ја доближат до секојдневниот граѓанин на еден спонтан и непосреден начин. Просторот е авангарден и не се сомневам дека ќе стане центар за различни случувања, познавајќи ги сега Стефани и Горазд. На уште едно место во градот ја доживеав оваа прекрасна интеракција, Кафе Арт Ли. Доживувам дека надвор од класичен изложбен простор уметникот и набљудувачот заедникуваат непосредно и спонтано. Тоа зближува и инспирира“.