400 пожарникари го гаснат пожарот во катедралата Нотр Дам, кој избувна попладнево, јавуваат француските медиуми. Засега, нема загинати од огромниот пожар, кој ја проголта и главната купола на катедралата.
Париското обвинителство отвори истрага за пожарот во катедралата Нотр Дам, а огнените јазици се проширени во централниот дел.
Заменикот градоначалник на Париз Емануел Грегоар изјави дека специјални тимови се обидуваат да ги спасат уметничките и други непроценливи дела кои се наоѓаат во катедралата. Тој оцени дека Богородичната црква претрпела „колосална штета“.
На париските улици се собрани многу луѓе, пред кои исчезнува еден од најголемите споменици на човештвото, а сите, и вон метрополата, очекуваат пожарот да биде изгаснат.
Од Вашингтон стигна сочувство и од американскиот потпретседател Мајк Пенс. ,,Глетката на пожар во Божјата куќа , ги крши срцата.” , објави Пенс на Твитер.
Во пламен е и сета средновековна дрвена конструкција.
Претставник на црквата изјави дека гори целата внатрешност на црквата од 12. век и стравува дека најверојатно ќе биде уништена.