Како последица на пожарот кој ја зафати историската Нотр Дам во Париз вечерва се урна и кулата во катедралата.
Пожарот избил на таванот во 18.50 часот и во тек е евакуација.
Командантот на полициските и пожарникарските сили изјави дека пожарот долго ќе гори. Портпаролот на катедралата потврди дека „целата структура гори“.
– Сѐ е во пламен, изјави портпаролот Андре Фино.
„Избувна пожар во Нотр Дам”, објави париската полиција на Твитер. „Избегнувајте го тој простор и ослободете го патот за возилата на противпожарната служба и Итната помош да можат да интервенираат“, се наведува во објавата на Твитер.
Градоначалничката на Париз Ан Идалго изјави дека противпожарните бригади се обидуваат да го стават под контрола огнот.
„Ужасен пожар е во тек во катедралата Нотр Дам во Париз. Пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола огнот. На локално ниво сме мобилизирани и во постојан контакт со црковните власти. Барам сите да го почитуваат безбедносниот периметар”, напиша таа на Твитер.
Очевидци соопштија дека од врвот на катедралата и натаму се шири оган и чад. Пожарот од таванот се прошири на покривот на Богородичната црква, испуштајќи жолтеникав густ чад. Фотографиите кои се објавени на социјалните мрежи покажуваат како излегува густ чад над 850 години старата готска градба.
Засега не е позната причината за пожарот, но се претпоставува дека е можно да е поврзано со реновирањето на катедралата.
За 20 часот беше најавена редовна прес-конференција на претседателот Емануел Макрон, но поради пожарот во ова готско здание тој го откажа обраќањето.
На Твитер се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој предложи за гаснењето на пожарот да се искористат „летечки водени танкери“.
Околу 13 милиони посетители и верници ја посетуваат црквата годишно, или во просек околу 30.000 дневно. Во најфреквентните денови, над 50.000 луѓе дневно влегуваат во катедралата. Таа е катедралата на Париз и седиштето на архиепископот на градот. Богородичната црква се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура.
Богородичната црква или Нотр Дам е готска катедрала на источната половина на островот Сите на реката Сена во Париз. Името „Нотр Дам“ на француски значи „Нашата Госпоѓа“ (Богородица или Дева Марија). Ова е една од најубавите готски катедрали во светот, градена низ целиот готски период. Скулптурите и витражите се одликуваат со големо влијание од натурализмот, за разлика од претходната романска архитектура.
Минатата година, Католичката црква во Франција упати итно барање за финансиски средства за спасување на катедралата, која почна да се урива.
Пожарот се случува на една недела пред католичкиот Велигден.
ФОТО МИА