Стравот што ќе мислат другите ги кочи бизнисмените да користат факторинг

За услугата факторинг компанијата наплаќа одреден износ кој се пресметува според пресметаниот ризик.

728

Стравот дека деловните партнери ќе помислат дека компанијата им е неликвидна ги спречува бизнисмените да го користат факторингот како инструмент за побрза наплата на побарувањата и забрзување на текот на парите. Во светски рамки од 4 до 10 отсто од побарувањата се наплаќаат преку факторинг, а кај нас процесот сѐ уште е на почеток.

Ова беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на тема „Факторингот како алатка за поддршка на извозно ориентираните компании“.

– Отпор посои кај компаниите иако многу побрзо на овој начин се доаѓа до парите кои потоа се вложуваат во процесот на работа. Посебно ова прашање е значајно за компаниите извознички кои, ако ангажираат факторинг фирма не мора да чекаат да помине рокот за наплата на побарувањата од странските партнери, туку за нив тоа го прави Факторинг компанијата. При тоа и ризикот за компанијата извозничка да не го наплати извезеното е мал – вели Сузана Димовска Тунтева, сопственик на „Фактор Труст“, финансиско друштво за факторинг.

Факторингот е финансиска трансакција при која една компанија ги продава своите краткорочни недоспеани побарувања на трета страна (наречена фактор) за одреден дисконт, по што целта е паричните средства што ги добива да ги користи за финансирање и развој на бизнисот.

За услугата факторинг компанијата наплаќа одреден износ кој се пресметува според пресметаниот ризик.

– Вообичаено е да се наплаќа најмалку еден отсто од месечната фактура што ја продаваат компаниите – откри Димовска Тунтева.

За разлика од банкарскиот кредит, додаде таа, факторингот вклучува продажба на побарувањата и нивна конверзија во кеш, што значи подобрена ликвидност без појава на зголемено задолжување во билансите и без обезбедување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...