Директорот на „Еурокомпозит“ поднесе оставка

Досегашниот директор Александар Кузески ја потврди оставката и вели дека се надева оти компанијата ќе се стабилизира.

518

Синдикатот на прилепски „Еурокомпозит“ го стави штрајкот во мирување и од понеделник вработените ќе се вратат на работа откако генералниот директор Александар Кузески поднесе неотповиклива оставка.

Според претседателот на синдикатот Роберт Богданоски, смената на раководството беше еден од условите за протести и штрајк.

– По дописот од Владата дека генералниот директор Александар Кузески си поднесе неотповиклива оставка, која веќе е објавена на огласната табла во компанијата, како синдикат донесовме одлука штрајкот да го ставиме во мирување. Заминувањето на раководството од фабриката беше еден од условите за простести и штрајк – изјави Богданоски.

Тој вели дека се уште не е назначен нов генерален директор, иако има најави дека ќе биде од Прилеп.

– Од понеделник, 2 април, ќе продолжи работниот процес во погоните на „Еурокомпозит“. Има работа по договори за странство и за МВР. Ќе очекуваме назначување нов директор. Со Владата е договорено во наредните шест месеци да добиваме по една нето плата и да се реши ситуацијата во компанијата – рече Богданоски.

Синдикатот има поднесено приговори до Бордот на директори по неодамнешните 10 решенија за суспензија на членови на Синдикатот и очекува нивно решавање.

Досегашниот директор Александар Кузески ја потврди оставката и вели дека се надева оти компанијата ќе се стабилизира.

– И претходно изјавив, ако мојата оставка е услов во компанијата да тргнат работите на подобро, во ред. На Еурокомпозит“ му посакувам се најдобро, да се стабилизираат работите и да биде успешна фирма – изјави Кузески.

Околу 260 вработени во наменската фабрика „Еурокомпозит“ имаат побарувања од 16 неисплатени заостанати плати и неисплатени придонеси од јуни 2012 година. Најавата е за шест месеци да се најде инвеститор за компанијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...