Бизнисмените од Гази Баба го поддржаа економскиот план на Владата (ВИДЕО)

Сопственикот на „Ариљеметал“ Богослав Анѓелоски нагласи дека мерките од Планот за економски раст се препознаени од членките на Бизнис клубот и додаде дека во целост ги поддржуваат.

202

Планот за економски раст и законот за финансиска поддршка на инвестициите денеска беа претставени пред членките на Бизнис клубот на општина Гази Баба во рамки на 11. состанок на клубот на кој учествуваше и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Општина Гази Баба во делот на економското живеење на Република Македонија е исклучително значајна, бидејќи практично економијата на Град Скопје се наоѓа тука. Затоа денеска дојдов да се сретнам со стопанските субјекти од општината и подетално да им ги претставам придобивките од Планот за економски раст и законот за финансиска поддршка на инвестициите со цел да им ги приближиме на стопанствениците, како и да поразговараме за сите отворени проблеми и теми кои ги имаат – изјави Анѓушев по состанокот.

Тој посочи дека смета оти домаќинот на состанокот, фирмата Ариљеметал, која, како што кажа, е една од најреспектабилните и брзорастечки извозни компании во земјава, е кандидат за користење на финасиски средства од Програмата за економски раст.

Градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски појасни дека на територијата на општината егзистираат 2.745 деловни субјекти и најави дека се планира формирање на општинско јавно претпријатие кое ќе управува со четирите индустриски зони во Гази Баба.

– Како општина отворени сме за соработка и даваме поддршка на секоја фирма без разлика дали е домашна или странска. Во таа насока се работи на измена на седум ДУП-ови со цел да се изнајде решение за проблемите во делот на инфраструктурата и легализацијата на објектите на компаниите – рече Георгиевски.

Општината, како што нагласи, презема обврска да обезбеди добра инфраструктура до секој од бизнис субјектите, како и приклучок на гасовод.

Сопственикот на „Ариљеметал“ Богослав Анѓелоски нагласи дека мерките од Планот за економски раст се препознаени од членките на Бизнис клубот и додаде дека во целост ги поддржуваат.

– Цениме дека ова е многу важен момент во кој и компаниите кои можеби не размислувале да се вклучат во инвестициски процес сега може да го направат тоа. Фактот што Македонија има само 4,85 отсто извозни компании и околу 13,5 отсто увозни компании наведува на заклучокот дека сме локална економија. Ние не сакаме да се помириме со тоа и затоа овој закон е извонреден, значаен и може да се надоградува и со добри предлози опфатот од 17 до 20 проценти од фирмите може да се зголеми на 25 до 30 отсто за првата година, а во наредните и повеќе – рече Анѓелоски.

Нагласи дека на Македонија и е неопходнен многу поголем раст на БДП од 3,2 отсто за да фати приклучок со ЕУ и препорача што е можно поскоро законот да се усвои во Собранието и да се надгради во текот на неговото имплементирање.

– Нашата економија може да се подигне само преку инвестиции и зголемување на техничкотехнолошката конкурентност и на извозот, како и со едукација на кадрите. Неопходен ни е економски раст од пет, седум, па и девет отсто и за тоа имаме потенцијал и услови. Ни треба само пристап до свежи средства. Во законското решение не е разработен пристапот кон свежи средства, ако биде разработен и цената на капиталот биде пониска тоа ќе биде мотивирачки фактор за инвестирање. Потребно е МБПР да стане конкурентна банка на комерцијалните бани, а во рамки на комерцијалните банки да има потребни сектори за инвестициски активности и за комерцијално кредитирање – потенцира Анѓелоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...