„Едно од основните начела на Конвенцијата за правото на детето е неговото право да остварува лични контакти и видувања со двајцата родители, но дури и оние кои поднесуваат најголем број претставки до Народниот правобранител, имено, родителите кои не живеат со своите деца, акцентот не го ставаат на правото на детето да се гледа со нив, туку го ставаат на себе, како родител кому е прекршено правото да го гледа своето дете.
Како да навикнавме кога зборуваме за децата, решението да го носат сите други, освен самите деца, како да ги оставаме настрана и како да не водиме сметка за тоа што тие размислуваат, како тие гледаат на работите, и тоа во сите области од животот, а не само во делот на семејното право. Она на што често алармираме како институција е дека никогаш не треба да се заборави детето и дека треба да се седне и да се разговара со него, да се сослуша неговото мислење имајќи ја предвид неговата возраст и неговата зрелост бидејќи никој не ја чувствува тежината на било кој проблем повеќе од оној што е засегнат со него, особено кога станува збор за семејни расправии и поделби кадешто во средината имате дете кое подеднакво ги сака и двајцата родители – вели госпоѓа Васка Бајрамовска, заменичка на Народниот правобранител во интервју за порталот „Мајка и дете“.