По неколкугодишно отсуство од јавноста, Шон Пен се врати за да ја претстави својата прва книга и попатно проговори за своите поранешни сопруги – за онаа со која е во одлични односи и за онаа со која повеќе не ни разговара.
Сѐ уште се сакаат
Не е тајна дека актерот, од неодамна и писател, и неговата поранешна сопруга Мадона денес се во одлични односи: пред две години заедно се појавија на еден хуманитарен настан, на кој таа му предложи повторно да се венчаат, а дека љубовта не престанала потврдил и тој во емисијата „Доцно шоу“ кај Стивен Колберт.
– Мојата прва сопруга ја сакам многу. Таа не може да се спореди со никого – изјавил во гостувањето кога морал да избере помеѓу Мадона и Бритни Спирс, пејачките што често ги споредуваа и ги нарекуваа кралици на поп-музиката.
Двојката се запозна во 1985 и истата година, шест месеци по љубовта на прв поглед, се венчаа. Заедно глумеа и во филмот „Шангајско изненадување“, а Мадона му го посвети третиот албум „True Blue“ на својот сопруг. Сепак, на идилата многу брзо ѝ дојде крај. Шон Пен беше уапсен за напад на фотограф и неговите јавни испади стануваа сѐ почести.
Пејачката кон крајот на 1987 година поднесе барање за развод, па потоа го повлече. Сепак, на почеток на 1989, таа одлучно реши да стави крај на нивниот брак. Мадона тогаш го обвини својот сопруг дека во неколку наврати физички ја нападнал, но во 2005 година за своите обвинувања изјави дека биле злонамерни, безобразни и неточни.
Лош однос
Вториот брак на Шон Пен со актерката Робин Рајт не заврши со пријателски односи.
– Не се согласуваме. Имаме целосно одвоени односи со нашите деца и мислам дека така е најдобро. Ние двајца не делиме исто мислење за односот како родители, дури и кога нашите деца пораснаа, тој факт не се промени – изјавил Пен.
Нивната врска од самиот почеток била многу турбулентна. По бракот со Мадона, актерот се вљубил во Робин Рајт и се вселил во нејзиниот дом. И по раѓањето на нивните две деца, работите не се смириле.
Молчи за Шарлиз Терон
Во неколку гостувања Шон Пен отворено зборуваше за своите поранешни сопруги, но на тапет сè уште не се нашла неговата последна љубов Шарлиз Терон. Врската ја започнаа кон крајот на 2013 година и се свршија веќе наредната година.
Терон реши да ја прекине свршувачката кон средината на 2015 година и никогаш не ја прокоментира својата одлука. Се слушнаа гласини дека актерката едноставно одлучила дека тој не е човек за неа откако заедно работеа на филмот „Последното лице“, каде што на сетовите со неговото однесување бил неподнослив, нервозен и премногу критикувал.