На 42. Денови на македонска музичка вечер од 20 часот во Музејот на македонската борба концерт ќе одржи летонската пијанистка Лаума Скриде, која ќе изведе дела од композиторите Мехмет Џан Озер, Петерис Васкс, Петар Јованов, Сорен Нилс Ајхберг, Софија Губајдулина, како и од македонските автори Борис Светиев, Гоце Коларовски и Ана Пандевска.
Лаума Скриде (Рига, 1982) потекнува од музичко семејство. Почнала да свири пијано на петгодишна возраст, се школувала во родниот град и на Универзитетот за музика и театар во Хамбург, Германија. Од 11-годишна возраст учествува на голем број меѓународни натпревари, меѓу кои и натпреварот „Марија Канал“ во Шпанија и Меѓународниот натпревар по пијано во Кливленд, САД, на кои освоила и неколку награди.
Во 2007 година Скриде ја добила наградата „ECHO Classic Award“ за млад уметник за изведба на клавирскиот циклус „Das Jahr for Sony“ од Фани Хенсел. Во 2008 година ѝ е доделена наградата „Бетовенов прстен“ за нејзините интерпретации на германскиот класичен и романтичен репертоар. Таа година Скриде го основала и „Скриде квартет“ (Skride Quartet) заедно со сестра ѝ Баиба, и со Хариет Кријг и Лиз Берто. Оттогаш квартетот е постојано на турнеи по главните европски сали и фестивали.