Хидросистемот „Злетовица“, што е најсовремен систем за водоснабдување на општините Пробиштип, Кратово, Свети Николе, Штип, Лозово и Карбинци ќе биде ставен целосно во функција во текот на наредните две години. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава од својот буџет издвојува вкупно 212 милиони денари со цел на овој систем се поврзат општините Штип, Карбинци и Лозово, кои не примаат вода за пиење од овој систем.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција во Пробиштип објави дека веќе е распишана тендерска постапка за избор на консултантска куќа, а отварањето на понудите ќе биде на 16 мај.
-Треба да се изработи целокупната техничка документација за сите овие општини и до крајот на годината наш приоритет е првично да биде реализирана инвестициската фаза, што се однесува на Штип. Заради тоа што тука има постоечки објекти и станува збор за рехабилитација на постоечката Филтер станица. Сите активности што ќе произлезат од техничката документација ќе бидат реализирани во 2019 година во Штип и за тоа се обезбедени 3,5 милиони евра – вели Николовски.
Тој додаде дека за следната година за овој хидросистем се обезбедуваат дополнителни 3.200.000 евра, наменети за изградба на Пречистителни станици за вода во општините Карбинци и Лозово, потоа изградба на цевководи до нив и пристапни патишта до овие капитални објекти за двете рурални општини.
– Веќе во 2020 година целосно ќе биде заокружена првата фаза од хидроисистемот „Злетовица“, за што многу години се зборува и се потрошени многу пари на граѓаните, кои веќе треба и да ги враќаат назад – вели Николовски.
Во моментов од ХС „Злетовица“ вода за пиење добиваат општините Пробиштип и Свети Николе, кои во текот на минатата година почнаа и редовно да си ги плаќаат обврските, односно долговите кон ова државно јавно претпријатие за дистрибуција на водата за пиење до нивните Филтер станици.