Војската ја презеде власта во Судан, Ал Башар во домашен притвор

151

Министерството за одбрана на Судан соопшти денеска дека Високиот воен совет ја презел власта во таа држава за следните две години, а ширум земјата е воведен полициски час.

Министерот за одбрана Авад бин Авф потврди дека Воениот совет ја презема контролата над институциите. Тој појасни дека забраната за излегување на улиците, во рамки на полицискиот час, ќе се применува од 22 до 04 часот во следните три месеци, јави Си-Ен-Ен.

Специјалните сили на суданската војска утрово ја зазедоа зградата на радио и телевизија во вториот најголем град во земјата Омдурман. Војската ја опколи и Претседателската палата во Картум и ги затвори мостовите и меѓународниот аеродром во градот.

По преземањето на власта во земјата од страна на војската во домашен притвор е ставен долгогодишниот претседател Омар ал Башар.

По денешната најава за важно соопштение, Авф се појави на државната телевизија во униформа и рече дека „слободни и чесни избори“ во Судан ќе се одржат за две години. Тој посочи дека војската вовела вонредна состојба за следните три месеци, дека го суспендирала Уставот, ги затворила границите и воздушниот простор. Во следните две години со земјата ќе управува Воен совет.

Тој потврди дека Ал Башар насилно е симнат од власт и оти се „чува на безбедно место“.

Исто така, министерот за одбрана потврди дека сите политички затвореници се ослободени или ќе бидат наскоро ослободени.

И додека голем дел од граѓаните слават, организирани се протести со барање за цивилна преодна влада по смената на Ал Башар. Суданското здружение на професионалци (СПА), кое  обединува лекари, адвокати и други активисти, а кои ги организираат демонстрациите, ги повикаа граѓаните од целата земја да се соберат пред штабовите на војската и да организираат протести.

„Режимот спроведе воен удар за да ги регрутира истите лица и ентитети против кои нашите луѓе го кренаа гласот“, се посочува во соопштението од СПА.

Информацијата за отстранувањето на Омар ал Башар од власт следува неколку денови откако претседателот на Алжир Абделазиз Бутефлика соочен со слични протести, поднесе оставка после 20 години на власт.

Западните медиуми оценуваат дека протестите во Алжир и Судан потсетуваат на бунтовите во неколку арапски држави во 2011 година, познати како Арапска пролет, кои доведоа до симнување од власт на лидерите на Тунис, Либија, Египет и Јемен.

Протестите во Судан почнаа во декември поради лошата економска состојба во земјата, но набрзо се претворија во израз на општо незадоволство од владеењето на Ал Башар. Бројот на учесниците на протетсите се зголеми минатата недела, по оставката на Бутефлике.

На зголемениот интензитет на протести, суданската Влада одговори со репресија. Безбедносните сили од саботата, во повеќе наврати се обидоа да ги разбијат протестите, а во насилствата загинаа најмалку 22 лица.

Фото: EPA/STR

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...