Германската канцеларка Ангела Меркел очекува едногласен договор на 27-те членки на ЕУ за барањето на Велика Британија за одложување на Брегзит.
– Мораме да се запрашаме што е во интерес на добрата соработка и што е во наш интерес, а тоа е уреден Брегзит и единство на ЕУ- 27 – порача Меркел.
Германската канцеларка доаѓајќи на вонредниот самит на лидерите на ЕУ порача дека е важно да се гарантира функционалност на институциите на ЕУ и оти во случај на одложување на Брегзит е важна подготовката на Велика Британија за учество на европските избори.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, вели дека при одлучувањето за повторно одложување на Брегзит е важно да се заштити европскиот проект и единството, да се добијат јасни одговори и да се почитува изборот на британскиот народ.
– Во моите очи, уште не е ништо решено, особено кога станува збор за подолги одложувања – рече Макрон пред пристигнувањето на вонредниот самит во Брисел.
Макрон оцени дека на денешниот состанок со британската премиерка Тереза Меј, мора дефинитивно да се разјаснат три основни работи: зошто е побарано подолго одложување, кој е политичкиот проект што го оправдува тоа и кои се јасните предлози.
Фото: EPA/YOAN VALAT