Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж беше предмет на софистицирана шпионска операција во амбасадата на Еквадор во која тој се наоѓа од 2012 година, соопшти денеска Викиликс.
– Викиликс откри голема операција за шпионирање против Асанж во амбасадата на Еквадор – изјави Кристин Храфнсон, главна уредничка на Викиликс, додавајќи дека „иселување” на Асанж од амбасадата би можело да се случи во кој било момент.
Таа не изнесе докази за своите тврдења.
– Знаеме дека постоеше барање да се предадат записниците од посетителите на амбасадата и видео снимките од безбедносните камери во објектот – рече Храфнсон и додаде дека таа претпоставува оти информациите се предадени на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.