Во првите три месеци од годинава преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, се превезени 480.845 патници, што е пораст од седум проценти споредено со првиот квартал лани, објави денеска ТАВ Македонија, концесионер на аеродромите.
Скопскиот аеродром опслужил 454.448 патници во првиот квартал годинава со 5,6 проценти пораст на годишно ниво, а преку охридскиот се превезени 26.397, што е годишен пораст од 63,9 проценти.
– Првиот квартал од 2019 година го завршивме со речиси половина милион патници на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид. Скопскиот аеродром ја забележа очекуваната стапка на пораст од 5,6 проценти, што ќе биде и повисока во вториот и третиот квартал од годината, поради отворање четирите нови дестинации, Баден-Баден и Бремен отворени во март оваа година, како и Ларнака и Турку, кои што ќе бидат отворени во јули годинава – изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Порастот на бројот на патници за 64 проценти на охридскиот аеродром, како што наведе Ерсој, е како резултат на трите нови авиолинии отворени во последните шест месеци, Виена во ноември лани и Малме и Милано во минатиот месец.
-Со дополнителните четири нови дестинации што ќе се отворат ова лето – Меминген, Дортмунд, Штутгарт и Дизелдорф, очекуваме да ја одржиме високата стапка на пораст на бројот на патници на аеродромот во Охрид, притоа постигнувајќи нови рекорди. ТАВ Македонија, заедно со сите владини тела во областа на воздухопловството, ќе продолжи да работи на развој на мрежата на авиолинии на двата аеродрома. Во исто време, задоволството на патниците ќе остане како еден од нашите врвни приоритети, со фокус на подобрување и иновација на услугите за авиокомпаниите и патниците, изјави Ерсој.
Според статистичките податоци за патнички сообраќај на ТАВ Македонија, од јануари до март годинава, најфреквентните дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје се: Истанбул со 10,9 проценти пазарен удел, Цирих (7,5 проценти), Базел (5,6 проценти), Малме (4,9 проценти), Виена (4,8 проценти), Меминген (3,6 проценти).
Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ има превезено најголем број од патниците со 67,4 проценти пазарен удел, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс со 8,4 проценти, Германија Глуг со 4,8 проценти, Аустријан ерлајнс со 4,7 проценти, Еделвајс со 2,6 проценти и Пегасус ерлајнс.
Од Меѓународниот аеродром Скопје 13 авиокомпании обезбедуваат поврзување до 42 редовни дестинации, а од охидскиот 11 авиокомпании опслужуваат пет редовни и осум сезонски дестинации.
ТАВ Македонија ја заврши 2018 година со вкупно 2,3 милиони патници на двата аеродрома, што претставува 16 проценти годишен пораст и со 19.750 летови, односно проценти годишен пораст.