По вчерашното соопштение на српскиот воен врв дека „Војската им порачува на сите, и во земјата и во странство, дека не е и нема да биде средство за соборување на легалните и легитимните власти во Република Србија и насилното уривање на уставниот поредок“, денеска се огласи министерот за одбрана Александар Вулин.
Вулин за ТВ Пинк изјави дека „внатрешен непријател се сите оние кои сакаат да постигнат нешто преку насилството“, како и дека соопштението се однесува на „секој кој би сакал Србија да биде небезбедно место за живеење“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вулин оцени дека „Војската се бави само со Уставот и законите“ и дека ова е порака за оние кои „сметаат дека војската треба да заземе некоја страна.“
Со реакција се јави и Воениот синдикат, кој побара властите и српскиот претседател Александар Вучиќ да го повикаат на одговорност Александар Вулин и веднаш да ја спречат неговата „субверзивна, криминална и фашистичко противуставна активност”, како и дека војската никогаш нема да дигне рака на својот народ.
– Точно е дека армијата ќе ја изврши својата уставна улога и сите наредби, но подеднакво е точно дека армијата, според Уставот и законите, е вооружена сила која ја брани земјата од закана од надвор, а не од сопствениот народ и нејзина волја или незадоволство – се наведува во соопштението на Воениот синдикат на Србија.
Бригадниот генерал во пензија и член на Демократската партија (ДС), Срето Малиновиќ оцени дека соопштението на воениот врв е класична замена на тезата, зад која се крие намерата за злоупотреба на војската за политички цели.
– Ниту еден од оние кои протестираат не кажаа ниту еден грд збор за војската или полицијата, ниту помислуваат на државен удар. Граѓаните само бараат да се обезбедат нормални изборни услови во кои народот ќе има можност да се изјасни – рече Малиновиќ.
Српската опозиција и потписниците на Договорот со народот, по четиримесечни протести ширум Србија, за в сабота, 13 април, најавија „масовен граѓански протест“ во Белград пред српското Собрание.