Камен темелник на таканаречениот Музеј на српскиот геноцид „Блаце 99“ ќе биде поставен денеска во истоименото село во косовската општина Генерал Јанковиќ на границата со Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Во сеќавање на егзодусот од 1999 година и на паднатите за слобода, страдалниците и исчезнатите, Канцеларијата на премиерот организира церемонија на поставување на камен темелникот на Музејот на српскиот геноцид „Блаце 99“ – се вели во соопштението од службата за информирање на премиерот Рамуш Харадинај.
Свеченостите по повод започнувањето на изградбата ќе започнат во 14 часот, со говори на косовските лидери и уметничка програма на државниот Ансамбл за песни и ора „Шота“, по што ќе биде отворена изложба на фотографии од бегалскиот камп во 1999 година и ќе се одржи поетски митинг, а ќе завршат со садење на 99 фиданки.
За граѓаните кои се заинтересирани да присуствуваат на церемонијата, Косовските железници организираат бесплатен превоз со воз кој ќе тргне од Митровица во 11 часот и ќе застанува на секоја попатна станица до Блаце.