Германската канцеларка Ангела Меркел денеска оцени дека излегувањето на Велика Британија од Европската унија (Брегзит) може да се одложи до почетокот на 2020 година.
– Одложувањето на Брегзит за неколку месеци е можно, до почетокот на 2020 година – изјави канцеларката на состанокот со членовите на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ).
Канцеларката Меркел, која денеска се состана со британската премиерка Тереза Меј, рече дека ЕУ не сака да и наметне на Велика Британија „неуредно” заминување од членството, бидејќи во интерес на Унијата е да продолжи да има добри односи со таа земја.
Елисејската палата претходно соопшти дека Франција не се спротивставува на одложувањето на Брегзит, но, период од година дена, како што предлага Брисел, е премногу.
Париз „не е затворен за други решенија, но со одредени ограничувања и не по секоја цена“, наведе палатата пред состанокот на францускиот претседател Емануел Макрон и Тереза Меј, која по Берлин отпатува за Париз.
Во Брисел за утре е закажан вонреден самит на лидерите на ЕУ за Брегзит.
Британската премиерка побара одложување на Брегзит до 30 јуни, додека претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, спомна „флексибилно одложување до 12 месеци”.
Фото: EPA/Jesco Denzel