Од 16. 04. до 28. 04. 2019 год. македонскиот сликар и магистер по сликарство Михаил Корубин ќе го има своето прво самостојно претставување во „MC“ галеријата во Њујорк, (проектот е подржан од Министерството за култура).
Тој ќе се претстави со 15 дела од голем формат, изработени во последниве три години во техника масло и акрилик на платно.
Во каталогот за изложбата во Њујорк уметникот Михаил напиша:
„Таму каде што сум роден и израснат, пророците, светците и ангелите се со широко отворени очи. Многу генерации гледале во тие очи, а сега нивниот јасен поглед е вперен во мене, кој предизвикува чувство на личен контакт и свеченост, кое постојано ме следи.
Во почетокот е само апстракција.
Различни линии, бои и ритмови се појавуваат на платното и јас интуитивно се препознавам во нив. Секогаш сум во потрага по таа примарна состојба од која што енергијата и атмосферата ќе бидат трансформирани во синтеза на емоции од кои ќе се роди погледот.
Така започнува мојата бескрајна приказна, светлост, раце, очи и ликови кои истовремено личат на секого и никого.
Очи во очи контактот, ме внесува во пикторалниот простор, ја засилува дадената манифестација, ја насетува силата и волшебноста на моментот кој што сѐ уште не го постигнал својот зенит.
Сликите: Аура, Анима, Есенс, Катарзиз…
Тие не се моменти случајно одбрани од мојот изминат живот, туку се се случуваат сега, замрзнати во времето, некаде помеѓу пред и потоа.“
Mихаил е влезeн во книгата „Master of contemporary fine arts“ – Art Galaxie
Досега има излагано свои дела во Канада, САД, Франција, Бугарија, Македонија …“
Сликите на младиот македонски уметник Михаил Корубин-Михо пред пет години беа дел од линијата производи на GelaSkins, достапни за продажба во светот.