Ердоган: Опозицијата не може да прогласи победа во Истанбул

391
ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека разликата во гласови за двајцата кандидати на изборите во Истанбул е премала за опозицијата да прогласи победа, додека неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) бара повторно пребројување на гласовите за да се спротивстави на „организираниот криминал“.

Првичните резултати од минатата недела покажаа тесна победа на гласањето за градоначалник на Истанбул на кандидатот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП).

АКП на Ердоган поднесе жалба на резултатите за сите 39 области во Истанбул, што доведе до повторно пребројување на гласовите во најголемиот турски град, каде има 10 милиони гласачи. Вчера АКП побара повторно пребројување на сите гласови.

– Граѓаните ни порачуваат да ги штитиме нивните права, тие се жалат на организиран криминал. А, ние, како политичка партија, решени сме да го откриеме тој организиран криминал – изјави Ердоган на прес-конференција во Истанбул.

Тој додаде дека ќе ги прифати изборните резултати тогаш кога Изборната комисија ќе ги разгледа сите жалби.

– Никој нема право да создава расположение на изборна победа во град од 10 милиони гласачи со разлика од 13.000 – 14.000 луѓе. Кога жалбите во целост ќе се обработат, ние ќе го прифатиме резултатот – рече Ердоган.

Според досегашните преброени гласови, во водство е Екрем Имоглу, кандидат на секуларната ЦХП.

ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...