Странските земји почнаа да го евакуираат персоналот од Либија поради влошување на состојбата во таа земја, каде што меѓународно признаената Влада на национално единство денеска објави дека започнува контранапад против силите на командантот Калиф Хафтар.
Американската команда за Африка (АФРИКОМ) соопшти дека ќе премести еден контингент американски војници, додека Индија соопшти дека ги евакуирала мировните сили во Тунис.
Воени претставници на САД објавија дека американските сили привремено ја напуштаат Либија, три дена по обновениот конфликт помеѓу вооружените ривалски групи во таа земја.
Генерал Томас Волдхаузер изјави дека безбедносната состојба во Либија станува сé покомплексна и непредвидлива.
Тој не наведе каде ќе бидат преместени американските сили.
Лидерот на меѓународно непризнатата администрација во Либија и командант на самоорганизираната Либиска национална армија (ЛНА), Хафтар пред три дена им нареди на своите трупи да тргнат кон главниот град Триполи, која е под контрола на силите лојални на легитимната Влада на национално единство на премиерот Фајез Сераџ.
Хафтар го објави повикот во видео наречено „Операција за ослободување на Триполи“.
ЛНА започна воен напад на Триполи, со цел да ја собори Владата која има поддршка од Обединетите нации.
Источнолибиските сили под команда на Хафтар изведоа воздушен напад на јужниот дел на престолнината Триполи.
Портпаролот на Владата Мохамад Гнуну денеска го најави почетокот на контра-офанзива за чистење на градовите од „нелегитимни сили“ на воениот командант Хафтар.
– Таа операција треба да овозможи „чистење на сите либиски градови од агресори и нелегитимни сили – изјави портпаролот во Триполи.
Либија е во хаос уште од 2011 година, од соборувањето од власта и свирепото убиство на лидерот Гадафи, кога е поделена на територии под контрола на меѓународно признатата Влада на Сераџ во Триполи и паралелна администрација лојална на Хафтар.