СОКОМ бара почитување на резултатите од Конкурсот за откуп на нови музички дела

159

Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ реагира што од Министерството за култура се уште не добил одговор зошто композициите избрани на Конкурсот за откуп на нови музички дела распишан во април минатата година биле објавени, а потоа и повлечени од веб-страницата на Министерството на 18 јануари годинава.

– Наспроти досегашната пракса од изминатите конкурси, да се достават решенија и договори до наградените автори во роковите законски определени од самото Министерство, тоа досега не е направено од причини кои нам сѐ уште не ни се познати. Поради тоа се обраќаме до Министерството надлежно за спроведување на Конкурсот со барање постапката без понатамошно одложување да се доврши и да се достават договори до наградените автори согласно објавените резултати – соопшти СОКОМ.

Сојузот во допис до медиумите се жали и што министерот за култура десет месеци, како што наведува, одбива средба со претставници на најстарото и најзначајното здружение – Сојузот на композиторите на Македонија.

– Молкот за резултатите од нивниот Конкурс покажува дека Министерството нема капацитет за спроведување на нивните декларативни заложби за унапредување на музичкото творештво, ниту капацитет за почитување на законските прописи и нивните сопствени конкурсни објави. Авторите-добитници на наградите алармираат дека ваквите непрофесионални и неетички постапки на министерот за култура Роберт Алаѓозовски ќе остават црна дамка врз работата на службите и комисијата, а деградираните автори кои вложиле труд со месеци за да ги создадат своите дела, ќе бидат приморани да ја бараат правдата низ судски процес – се вели во соопштението на СОКОМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...