Народната банка од 15 мај годинава ќе бидат пуштени во оптек книжни пари изработени од полимер, во апоени од 10 и 50 денари. Истовремено ќе бидат повелечени од оптек книжните пари во апоени од 10 и 50 денари коишто се во оптек од 8 септември 1996 година, кои се употребуваат моментално.
Ваква одлука донесе Советот на Народната банка на денешната седница.
„Согласно оваа одлука, на денот кога ќе бидат пуштени во оптек книжните пари во апоени од 10 и 50 денари, изработени од полимер, книжните пари со истата апоенска вредност, коишто се во оптек од септември 1996 година престануваат да бидат законско средство за плаќање“, соопшти НБРМ.
Правните и физичките лица ќе можат бесплатно да ги заменат со други книжни и ковани пари со еквивалентен износ.
Замената на книжните пари, од 15 мај годинава до 15 мај следната година, ќе ја вршат деловните банки основани во Република Македонија, а по овој период, замената ќе се врши во Народната банка.
Советот донесе и Одлука согласно со која почнувајќи од 15 април годинава ќе бидат пуштени во оптек ковани пари во апоен од 2 денари, со ознака на ковање „2018“.
Со пуштање во оптек на овие ковани пари во готовинскиот платен промет на Република Македонија, во важност ќе бидат, паралелно, и кованите пари во апоен од 2 денари издадени претходно.
На седницата беше донесена и Одлука согласно со која од 2 мај годинава ќе бидат пуштени во оптек и книжни пари во апоен од 100 денари, со ознака за печатење „МАЈ 2018“, по што во важност ќе бидат, паралелно, и книжните пари со истата апоенска вредност издадени досега.