Познато е дека фановите на „Марвел“ се навистина страсни, а најновото продолжение „Одмаздници: Крајот“ е можеби најочекуваниот филм на „Марвел“ досега.
Во вторникот беа пуштени во претпродажба билетите за премиерата на најновите „Одмаздници“, па очекувано фановите ги закочија сајтовите во борба за првите седишта. Иако многу луѓе беа ставени на листа за чекање пред да можат да ја направат трансакцијата, огромен број луѓе успеаја во својата намера, а тоа доведе до рекорден број на продажба за претпремиерата.
Очекувано, побарувачката за билети е вртоглаво висока, па некои луѓе ја искористија за профитирање со продажба на билетите на „И-беј“. Додека цената на повеќето билети се движи меѓу 50-250 долари, некои продавачи се поамбициозни. Еден од нив, на пример, нуди два билета за премиерата за 2.500 долари. Но доколку тоа не беше доволно скапо, друг продавач нуди два билета за прикажувањето во Њујорк, два дена по премиерата, за неверојатни 9.199 долари.
Во секој случај, овие продажби на „И-беј“ ја докажуваат возбуденоста што „Марвел“ ја предизвикува кај своите обожаватели.
Филмот ќе се прикажува во кината низ целиот свет од 26 април.